Интервју со Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф: Верата без добри дела е мртва

Поминаа четири години, откако епископот Јосиф беше интронизиран за  Митрополит Тетовско-гостиварски. И како што кажа на интронизацијата „Стоејќи пред вас, возљубени тетовци, гостиварчани, вие што сте дојдени од Мавровско и горнореканскиот крај, не можам, а да не го изразам својот восхит што Господ ме предал на вашите молитви, што ме удостоил на овие надалеку познати и препознати верни души да им станам слуга, ‚да ви станам се, за да ве придобијам за спасението‘ (сп. 1 Кор 9,22)“, така и постапуваше сиве овие години. Митрополитот Јосиф и покрај сите обврски остана пред сè Божји служител лесно достапен на народот. Тој освен на редовните богослуженија во храмовите, често може да се сретне при прошетка низ центарот на Тетово, па и на разни спортски натпревари, на кафе со млади луѓе, во разговор за секојдневните случувања и проблеми на народот. Околу себе собра доста млади луѓе, кои ја следат неговата отвореност и комуникативност. Накратко, може да се каже дека внесе еден нов дух во Црквата. Наближувањето на Божиќните празници беше повод за разговор со Митрополитот Јосиф, со што ќе ја имаме можноста да дознаеме нешто повеќе за неговата мисија во Македонската православна црква – Охридска архиепископија, за значењето на постот, за празнувањето на празникот Рождество Христово – Божиќ, за духовните проблеми  во современиот свет и за мисијата со младите.

 

Проследете го интервјуто…

1 – Почитуван Владико благословете! Ви благодариме што прифативте да дадете интервју за нашиот портал. На 03 ноември 2013 година застанавте на чело на Тетовско-гостиварската епархија. Од тогаш до денес поминаа четири години, а веќе ја започнавте петтата година во црковна служба помеѓу народот во Полошкиот крај. Како надлежен архиереј сиве овие години, со какви предизвици се соочивте, што направивте, а што Ви претстои во иднина да направите?

Точно така, пред само неколку месеци поминаа четири години од мојата интронизација како прв Митрополит Тетовско – гостиварски на новоформираната Тетовско – гостиварска епархија. По послушание на Светиот архиерејски синод застанав на чело на епархијата. Ја користам оваа прилика да му се заблагодарам најнапред на Архиепископот г. г. Стефан и на Митрополитот г. Тимотеј за довербата, но и на останатите членови на Светиот архиерејски синод. И сега се сеќавам на зборовите на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан искажани во беседата при востоличувањето: „ Доаѓаш во предели каде се длабоки и древни христијанските темели… Ќе бидеш архиереј меѓу народ каде што по крстот и по полумесечината се идентификува и препознава секој човек и секоја населба… Чувај го Лешочкиот манастир со неговите стари и нови лузни и светињите во доверената епархија!“ И токму така, голем крст и големо бреме зедов врз мене. Уште од самиот почеток имаше бројни предизвици и широко поле за работа. Бидејќи епархијата беше новоформирана, освен пастирските дејности имаше и голем број административни задачи за решавање, па требаше брзо да се делува за работите да течат во полн тек.

Како што спомнав во мојата пристапна беседа: „ … ни претстои многу работа… со цел црковните и манастирските ѕидови да видат народ, кој постојано ќе пребива во нив“ – фокусот на мојата епархиска дејност беше да ја засилам мисијата помеѓу доверениот народ за да го засилам литургиско – богослужбениот живот во епархијата. Така уште од првиот ден започнав да се трудам со Божја помош секако, да ја исполнувам мојата основна и најважна задача: да сведочам за Христа, да Го проповедам Христа, да ги повикувам луѓето да пристапуваат кон Христа и во Христа да се преобразуваат и спасуваат. За сето тоа ми беше најпотребна соработка од свештенството и народот, па изградив добри релации и добар однос со нив, направив тим и започнавме со бројни проекти. Во почетокот започнавме со реконструкција и реновирање на соборните храмови, потоа со обнова на голем број други храмови низ епархијата. Се поставија камен темелници за нови храмови, се изградија и осветија голем број на храмови и манастири. Со сето тоа се обезбедија услови за подобар литургиско – богослужбен живот на народот. Успеавме да го формираме епархиското списание „ Огледало“ , на чиј најнов број се радувавме деновиве. Епархијата посвети внимание и на хуманитарната мисија и на многу други проекти.

Но, исто така за во иднина ни останува уште поголема работа. Планираме да го обновиме Лешочкиот манастирски комплекс, да изградиме нови храмови, старите да ги обновиме, да развиеме побогата издавачко – просветна и хуманитарна дејност, да воведеме веронаука во поголемите храмови, како и да оствариме серија на трибини и предавања и итн.

 

2 – Се почуствува ли Божјата помош?

Секако. Без Бога не можеме ништо да направиме…

 

3 – Уште на почетокот на Вашето доаѓање во Тетовско-гостиварската епархија започнавте да ја градите борбата за духовна-мисионерска обнова на пастирската служба, а особено се залагате и сте активни во мисија помеѓу младите, што правите моментално на тоа поле?

Сакал или не, мораше веднаш да започнам со активна архиерејска дејност, пред сè поради Православната црква и мојот верен народ. За да успеам во мојата зададена цел да го засилам литургиско-богослужбениот живот во епархијата мораше да се започне со основата, да се стави темелот, т.е. акцентот на обнова и активирање на пастирската служба, која е двигател на мисијата. Со текот на времето, неуморно работејќи на новата нива Господова, со моето свештенство успеавме постепено да го засилиме веќе постоечкиот литургиско-богослужбен живот во епархијата. Што се однесува пак за мисијата помеѓу младиот човек – тоа ми е примарна цел, бидејќи младиот човек, кој е иднината не само на светот, туку и на Црквата како никогаш до сега страда и талка по замките на овој свет. За жал, младите денес најчесто имаат погрешни претстави за Црквата. Заради тоа, лично јас особено вложувам сила и енергија во мисија помеѓу најмладите, но исто така и свештенството. Ете и сега ги повикувам сите заедно да ја засилиме мисијата, да им Го откриеме Бога не само преку проповед, туку и преку нашите дела да Го посведочиме нашиот Бог и нашата вера.

Моментално на тоа поле доста работиме. Секојдневно се среќавам со млади луѓе и во согласност во Православното предание на повеќе начини и мисионерски правци се трудам и им укажувам на потребата од личносно преображение во лоното на Црквата, која непрестајно се моли за сите и за сè . Укажуваме на потребата од поактивна катихезација на најмладата категорија на луѓе, не само преку и во Црквата, но и надвор од неа – во семејството. Обновата на вистинското православно значење на кумството е од особена важност, затоа ги советуваме кумовите да си ги вршат своите обврски, но исто и родителите треба да им пружат шанса на своите најмили активно да учествуваат во Црквата, да бидат свесни дека се членови на Црквата. Со ова сакам да кажам дека за да ги вратиме младите во Црквата – потребно е веронауката да започне и го образува својот цврст темел во личноста на човекот уште во кругот на смејството, па да се развива во храмот Божји на светите богослужби, првенствено на светата Литургија.

Во епархијата моментално се трудиме да формираме здружение на млади луѓе, со кои заедно ќе работиме на низа проекти со цел да ги потикниме младите луѓе да дојдат во храмовите и манастирите и да го слушнат Божјото слово. Веќе одамна во Соборниот храм во Тетово, како и во поголемите населени места, како Вратница и Брвеница имаме часови по веронаука. Активни сме и на социјалните мрежи: на нашиот епархиски сајт, на фејзбук и инстаграм страницата секојдневно објавуваме интересни, актуелни и современи православни теми. Исто така во фокусот ни е да направиме некој семинар за млади во културно-просветниот центар „ Кирил Пејчиновиќ“ , кој се наоѓа во склоп на Лешочкиот манастир. Продолжуваме со издавачко-просветната дејност и со многу други дејности, но најповеќе со молитвите кон Бога за секој млад човек. Се надевам дека во иднина би се зголемило присуството на младите во уште поголем број во Црквата.

 

4 – Оваа 2017 година е значајна година за МПЦ – ОА. Се навршија цели 50 години од возообновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Од позиција на архиереј како би го отцениле полавековниот развој и живот на нашата Црква?

Како што спомнав во мојата беседа по повод големиот јубилеј, повторно би ги повторил тие зборови: „ во овие 50 години, од 1967, па до денес – Македонската православна црква постепено, но сигурно, го доживува своето воскресение“ . И навистина овие педесет години се воскресение за животот и развојот на нашата Црква.

Денес, сѐ уште чекајќи го канонското признавање на својот автокефален статус, Македонската православна црква – Охридска архиепископија, во својата дијацеза вбројува 12 епархии, од кои 4 во дијаспората. Со нив управуваат 11 епископи, на кои моментално им помагаат околу 600 активни свештеници во околу 500 парохии, со повеќе од 2000 цркви и манастири. Во околу дваесетина живи манастири, живеат над 150 монаси и монахињи во молитва и монашки подвиг, чувајќи го живото светоотечко Предание. Средното богословско училиште и Православниот богословски факултет, пак, активно ја продолжуваат просветителската мисија на Охридската Светиклиментова школа, согласно со современите текови на теолошките науки, во апостолски дух. Изградени се стотици нови храмови, манастири, парохиски домови, развиена е мисионерската дејност преку секојдневното богослужение, издаваштвото и хуманитарните организации. Особено е важно да се спомнат и канонизациите на: Преподобните 40 Битолски новомаченици; на преподобните 3 Пречистански новомаченици; како и на новоканонизираните светители: Кипријан Слепчански; Гаврил Светогорец, епископ Велички, и на преподобниот отец наш Јоаникиј Ракотински.

Од сето ова може да се заклучи дека Бог обилно нѐ дарува со неговата благодат. Многу работи се направиле, а во иднина ни следуваат уште бројни проекти, кои се надевам дека со Божја помош ќе ги оствариме за духовна полза на нашите верници. Сето ова што го споменав сведочи за позитивниот воскресенски развој на нашата Црква славеничка.

 

5 – Се наоѓаме во четвртата недела од Божиќниот пост. Кажете ни нешто повеќе за постот? Што е вистинскиот пост?

Прекрасно и душеполезно прашање. Пред извесно време, на почетокот на постот,  до мене пристигна еден доста интересен текст за постот, поточно станува збор за 11 кратки поуки, кои Романскиот Патријарх г. г. Даниил по повод почетокот на Божиќниот пост ги упатил до верниците. Уште тогаш во една од моите беседи дел од поуките ги споделив со моите верници. И сега при самиот крај на постот, во оваа дадена прилика – на ова прашање потполно одговара една од поуките, која би ја споделил како одговор. Патријархот вели: „ Вистинскиот пост не е само воздржување од храна од животинско потекло, туку и воздржување од жедта за матријалното и воздржување од алчноста и од егоистичката желба за владеење над другите, како ограничување на секоја мисла, збор или дејствие што ја намалува љубовта кон Бога и кон ближниот“ . Со овие прекрасни поучителни зборови ни се укажува на двата аспекти на постот: телесниот и духовниот, кои треба да ги исполниме за да нашиот пост е вистински и спасоносен пред Бога.

Постот е воздржување и ненајадување, но тој не е само нејадење на месо и друга мрсна храна. Вистинскиот пост не се состои само телесно да се смири телото, но и духовно – да го воздигнеме духот и да ги зауздаме гревовните страсти и желби. Затоа, ако постиме телесно, а исто времено не се воздржуваме од зло, ако не го чуваме јазикот од лоши зборови, рацете и нозете од лоши дела, срцето, пак од лоши чувства, тогаш нашиот пост ќе биде ништожен.

Кога постиме и се подготвуваме за Светата Евхаристија треба да земаме помалку храна, но пред сѐ и неминовно е, да се откажеме од сите лоши навики и пороци, осудување, завист, злоба, гнев, гордост, лутина, празнословие, пијанство, а за сметка на сето тоа да ја засилиме и зајакнеме молитвата и да правиме добри дела, бидејќи верата без добри дела е мртва (сп. Јаков 2,17)

 

6 – Многумина верници пристапуваат кон Светата Тајна Причест. Како да се подготвуваме за таа голема и страшна Тајна?

Како што споменав во претходното прашање. Се наоѓаме на самиот крај на овогодинешните Божиќни пости и на прагот на Божиќните празници, па многумина од оние, кои постеле секако дека ќе пристапат кон најсветата Тајна, кон самото чесно Тело и самата чесна Крв на Нашиот Бог и Спасител. Но освен постот, оној кој што сака да се причести е должен да запази и други работи.

Пред сѐ потребно е да се има цврста вера дека светата Причест е востановена и ни е дадена од Самиот Спасител на Тајната вечера, пред Неговите страдања и крстна смрт. Несомнено да верува дека тој лебен принос што го јаде е самото Тело Христово, а виното што го пие самата Негова пресвета и скапоцена Крв, која се пролева за нас и за мнозина.

Кога се подготвуваме за Светата Причест (Евхаристијата), неизбежно е потребно да се вдлабочиме во себе си и да си ја провериме совеста и тоа со какви гревови сме го наскорбиле Господа, нашиот Бог. Потоа со покајние да побрзаме кај свештеникот (духовникот) за да си ги исповедаме гревовите и да добиеме прошка од Севишниот. Исповедта треба да биде со скрушено срце, и  не сокривајќи ниту еден најмал грев, зошто сокриениот е двоен грев.

За подготовката особено е важно да немаме непријателство со никого и да не се озлобуваме на никого, туку да сме помирени со секого и на сите од сѐ срце да сме и простиле. Непријателството и злобата ни се за суд, за осуда и за вечни маки – спротивно од Причеста, која се дава за нас недостојните. Кога пристапуваме кон неа, секогаш да си спомнуваме дека пристапуваме кон Самиот Христа, нашиот Семилостив Создател и Искупител, но и Страшен, но Праведлив Судија, и да стоиме со трепет во исчекувањето на Неговиот Суд, а истовремено да се предадеме со сета душа и срце на Неговата бескрајна милост и човекољубие, велејќи заедно со благоразумниот разбојник: Спомни си за мене Господи во Твоето Небесно Царство!

Откако ќе се удостоиме да ја примиме Светата Причест, да побрзаме да Му заблагодариме на Бога од сето срце и душа, затоа што Он не нè отфрлил, наспроти и покрај нашата недостојност. Заблагодари Му и помоли Му се да ти ја направи душата повторно одаја за Негово пребивање заедно со Небесниот Отец и Пресветиот Дух.

По причеста, потребно е да се потрудиме да размислуваме за големината на оваа преславна Божја тајна и да не брзаме да ги враќаме мислите кон  секојдневни дејности. Да се потрудиме, макар малку, да го промениме својот живот, и така да го задржиме повеќе и подолго во себе си Божествениот Гостин. Внимателно да си ги следиме мислите, желбите и постапките, приспомнувајќи си почесто дека сме ветиле да живееме според Божјите заповеди.

Само вака подготвени, согласно Светото предание на Православната црква – примањето на Света причест нема да ни биде за суд, или за осуда, туку за спасение на душите и телата.

  7 – На што треба особено да внимаваат верниците, ако сакаат да живееат духовен живот и ако сакаат да бидат со Бога?

Треба да внимаваат на многу работи, особено на Христовите евангелски слова, совети, заповеди и блаженства. Накратко ако верниците сакаат да живееат духовен живот и со тоа да бидат блиску до Бога и Неговото царство, несомнено треба во својот живот, со збор, дело, мисла или помисла да ги исполнуваат постојано двете најголеми Христови заповеди, во кои е содржан целиот Закон и Пророците, а тие се:

1 – „ Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила, со сите свои помисли!“ (Лука 10,27) и

2 – „ Возљуби го својот ближен како себеси!“ (Матеј 22,39).

 

8 – За крај, ова е прилика да упатите и своја Божиќна порака преку нашиот портал. Која е Вашата порака до сите верници?

Се наближува радосниот празник Рождество Христово, па полезно време е да се замислиме: што ќе принесеме од нас кон јаслите на Богомладенецот Христос. Затоа да се потрудиме сите по примерот на тројцата мудреци и ние да Му принесеме дар на нашиот Богомладенец. Најголем дар што можеме да Му го принесеме е нашето срце полно со љубов кон Него и кон луѓето.

Мојата порака за овој Божиќ кон народот Божји е да се радуваат и да благодарат за сè во секој миг. Апостол Павле вели: „ Секогаш радувајте се. Непрестајно молете се. За сѐ благодарете“ . Знам дека многу е тешко да се радуваме секогаш и да благодариме, кога гледаме колку зло има во овој свет, но не треба да забораваме, туку секогаш треба да имаме на ум дека љубовта Христова е посилна од кое било зло во нашите срца. Богомладенецот Христос е посилен од секое зло. Верувајте дека  Христос е секогаш со нас и дека ни ја дава Својата благодат.

Би се надополнил и со следната порака. Божиќ е празник на дарувањето. Кога се случило Рождеството на нашиот Спасител, Господа Исуса Христа во Витлеем, најпрво мудреците го прифатиле Богомладенецот за свој Бог, Му се поклониле и Му принеле дарови. Освен тие и други му подариле: „ Ангелите – песна; небесата – ѕвезда; пастирите – чудење; земјата – пештера; пустината – јасли, а ние Мајката Дева… “ . Затоа и овој Божиќ да го поминеме во знакот на дарувањето. На нашите најблиски, но и на сите најпотребно им е да им подариме трошка љубов, добар збор и внимание. Да го направиме тоа за овој Божиќ. И на крај да влеземе и ние со својот дух во Витлеемската пештера и да се поклониме на Богочовекот Христос.

Богомладенецот со сите Вас!

 

Разговарал:Васко Спасоски
 
Surce:http://digitalnews.mk/mitropolitjosif/